2 Chronicles 16
1 Во триесет и шестата година од царувањето на Аса, израелскиот цар Баша се крена против Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да не му дозволи никому ниту да излегува од јудејскиот цар Аса, ниту да доаѓа кај него.
2 Тогаш Аса изнесе сребро и злато од ризниците на домот Господов и на царскиот дом и ги испрати до арамејскиот цар Венадад, кој живееше во Дамаск, велејќи:
3 „Нека има сојуз меѓу мене и тебе, како што беше меѓу татко ми и таткото твој; ти испраќам сребро и злато: оди и раскини го сојузот свој со израелскиот цар Баша, за да се повлече од мене.“
4 Венадад го послуша Аса и испрати свои војводи, што ги имаше кај себеси, против израелските градови, и тие го опустошија Ијон, Дан и Авел-Маим и сите житници во Нефталимовите градови.
5 Кога чу за тоа Баша, престана да ја утврдува Рама и ја прекина работата своја.
6 А царот Аса ги собра сите Јудејци, и тие ги изнесоа од Рама камењата и дрвата, што ги употребуваше Баша за градење, и ги изгради со нив Гева и Мицпа.
7 Во тоа време дојде јасновидецот Ананиј кај јудејскиот цар Аса и му рече: „Бидејќи ти се потпре на арамејскиот цар, а не се потпре на Господ, твојот Бог, затоа се спаси од рацете твои војската на арамејскиот цар.
8 Етиопјаните и Либијците не беа ли со поголема сила и со многу повеќе коли и коњаници? Но бидејќи ти се потпре на Господ, и Тој ги предаде во раката твоја,
9 зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие срце наполно Му е предадено Нему. Ти сега постапи неразумно; затоа отсега ќе имаш војни.“
10 Тогаш Аса се налути на јасновидецот и го затвори во темница, бидејќи беше разјарен против него поради тоа. Во тоа време Аса угнетуваше и некои од народот.
11 Впрочем, делата на Аса, први и последни, се опишани во книгата на царевите јудејски и израелски.
12 На триесет и деветтата година од царувањето свое Аса се разболе во нозете, и болеста негова се прошири до горните делови на телото; но тој ни во болеста своја не Го побара Господа, туку лекари.
13 И почина Аса кај своите предци и умре во четириесет и првата година од царувањето свое.
14 И го погребаа во гробницата, која сам си ја беше изградил во Давидовиот град; го положија на одарот, преполн со благопријатни мириси и со разни вештачки масти; и ги изгореа во голем оган во негова чест.